


![]() |
| Emma Weaver или DJ Wildchild е типичен пример за мултиталентиран уметник кој успева да ја воодушеви публиката со секој свој следен проект. Без оглед на тоа дали ќе ја доживеете како продуцент, диџеј, сопственичка на издавачка куќа или фотомодел, Wildchild се одликува со врвен професионализам и посветеност на она што го работи. Сигурно e дека токму овие особини заедно со природната дарба и неуморната работа ја сместија на самиот врв на електронската музичка сцена. Нејзините продукции и изданијата на нејзината издавачка куќа Wildstyle се присутни во сетовите на илјадници нејзини колеги, а нејзините диџеј настапи ги потресуваат подиумите ширум светот. Иако речиси нема место на планетава на кое не настапила, своевидна специјалност на Wildchild се гостувањата на фестивалските сцени пред огромна публика, како настапите на Зимската музичка конференција во Мајами, Белата ноќ во Рим или карневалот во Нотинг Хил. Нејзиниот стил го карактеризираат долги и хируршки прецизни миксови, со избор на музика што гарантирано ќе ја размрда и најпребирливата публика. Скопјани веќе имаа шанса да се уверат во нејзиниот квалитет во 2002, кога со комбинирање на лондонски трендовски драменбејс, бразилска музика и фанк предизвика невидена еуфорија и ерупции од одушевување во летниот клуб Елемент. На Позитивни Вибрации 3 ќе имаме ретка шанса по втор пат да уживаме во настапот на неповторливата Wildchild. |
Линк: www.djwildchild.com |

![]() |
| Следното големо име што ќе настапи на годинешново издание на манифестацијата е диск-џокејот Ahmaad, диџеј кој за необично кратко време својот статус на регионален миленик го издигна на ниво на светски феномен. Одамна не е виден уметник кој доаѓа од балканските простори, а успева да создаде вртоглава кариера од двете страни на Атлантикот. Неговиот успех е уште позначаен, ако се има предвид дека музичките интереси на DJ Ahmaad не се врзани само за еден музички жанр, што е прилично ретко на денешната музичка сцена. Неговите настапи редовно подразбираат мешавина на фанк, хип-хоп, брејкбит, џез, драменбејс и босански севдалинки. Невозможноста да биде класифициран според постојните жанровски поделби, заедно со исклучителната умешност зад грамофоните, се неговите најсилни адути, со кои ја маѓепсува публиката на неговата непрекината светска турнеја. |
Линк: http://www.myspace.com/djahmaad |

![]() |
| На Позитивни Вибрации 3 ќе настапи уште една атракција од нашиот регион, српскиот колектив Mad Red. Се работи за група чии членови се особено млади, но со музички познавања обратно пропорционални на нивната возраст. Тие го користат богатото наследство на реге музиката и го ставаат во сосема нов контекст, што го комбинира со хип-хоп, електроника и создава одлична подлога за фуриозни настапи во живо. Гостувањето на Mad Red е уште еден чекор во правец на заложбата на Позитивни Вибрации да го откријат и претстават најдоброто на современата музичка сцена. |
линк: http://www.myspace.com/madredmusic |


